Учениците се вратија во училишните клупи, наставата продолжува по 10 јуни?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Наставата низ училиштата тече нормално, по 18-дневната пауза која беше последица на штрајкот во образование.


Втор ден настава по штрајкот од речиси три недели. Учениците и наставниците се вратија во школските клупи.

Екипата на ТВ21 го посети основното училиште „Васил Главинов“. Директорката Елита Демири рече за разлика од петокот кога учениците не се одѕваа на повикот да се вратат на настава, денеска сите се на своите места, како вработените, така и учениците.


-Учениците се вратија во школските клупи. Едукативно-образованиот процес се одвива во нормални услови согласно она што е организирано и предвидено. Значи сѐ тече нормално. Сега чекаме инструкции од МОН околу тоа како ќе се надоместат загубените часови, вели Демири.

Директорите на училиштата сѐ уште немаат информации како ќе треба да постапат во врска со загубените наставни часови. Министерот за образование, Јетон Шаќири, пред неколку дена му порача на СОНК да изнајде решение за прашање, обвинувајќи го за губењето настава. Иако сѐ уште нема конечна одлука, извори во МОН, за ТВ21 рекоа дека наставата ќе продолжи и по 10 јуни со цел надоместување на сите загубени часови поради штрајкот. Другата опција е да се работи неколку саботи до крајот на второто полугодие, а останатите денови повторно по 10 јуни, кога на учениците треба да им почне летниот распуст.

Раководството на СОНК и МОН имаат рок од 10 дена за договор во врска со покачувањето на платите. Последната средба меѓу нив се одржа в петокот, а според информации од МОН, утре се очекува нова средба меѓу претставниците на синдикатот и ресорното министерство. Па така, математиките велат дека од 10 дена, колку имаат на располагање, поминаа дури четири без никаква средба. Од СОНК без одговор – до каде се преговорите.


Синдикатот не ја прифати последната понуда на МОН за покачување на платите за 12% и уште еднаш ги повторија нивните барања – покачување од 18% и усогласување на останатите плати со минималната.