Огнен од октомври ќе оди во прво одделение. Со оглед на тоа дека е со аутизам, во текот на наставата има потреба од образовен асистент. Иако Законот за основно образование му гарантира такво право, постои можност Огнен да има застој во наставата поради недостигот на асистенти. Неговата мајка која сама се грижи за него, вели дека државата воопшто не се грижи за децата со посебни потреби.
Во општина Ѓорче Петров, каде живее 8 годишниот Огнен, 20 родители доставиле барање за образовен асистент, но се пријавиле само 7 асистенти. Според дефектологот, Зафировска, која е ангажирана како асистентка, ова се случува поради тоа што асистентите се плаќаат само 7500 денари.
Министерката за образование, Мила Царовска, вели дека може да обезбеди 422 асистенти, колку и што се потребни , но нема заинтересираност.
Инаку, образовните асистенти им помагаат на децата со посебни потреби во текот на наставниот процес. Доколку наставата се одвива од дистанца, асистентите одат во домовите на децата и им помагаат со онлајн часовите. Општините обезбедуваат 20% од средствата за асистентите, а другиот дел преку УНДП програмата.
