Затворени училишта, маркетите се празнат во попладневните часови и изолација од јавните места. Вака живеат граѓаните на Италија во градовите погодени од коронавирусот. Во Италија живеат 64 илјади државјани на Северна Македонија, а една од нив е и Семавије Деари, која за ТВ21 раскажа како изгледа секојдневието таму.
„Во моментов само училиштата се затворени, фабриките работат. Во маркетите има паника во попладневните часови. Претпладне можеш да најдеш нешто, но попладне не. Сега за сега тука во нашата зона состојбата е нормална. Имам син, но не оди на училиште. Ни рекоа до 1-ви март, но ми се чини дека ќе продолжи до 8-ми март“, истакна Семавије Деари.
Во Италија коронавирусот „пристигна“ минатата недела, само неколку месеци откако се појави во Кина. Семавије вели дека пред да се појави вирусот во Италија, била спроведена кампања низ училишта и јавни места поврзано со тоа како жителите да се заштитат од него.
ТВ21: Пред да се појави вирусот во Италија, дали имаше некоја активност во јавните институции, некоја кампања како да се заштитите од вирусот?
„Да, велеа да немаме контакт со луѓе кои имаат грип, кои кашлаат, киваат и кои имаат температура“, додава Деари.
Во зоната каде живее Семавије заразени се 17 луѓе, кои во моментов се хоспитализирани. Таа раскажува дека лицата кои починале биле постари кои претходно страдале од некоја патологија.
„Треба малку да стравуваме и да се чуваме, но не треба толку да се крева паника. Оние кои починаа се лица над 50-годишна возраст кои страдале од некоја патологија или тешка болест. Младите го надминуваат вирусот, не е толку опасен“, посочува Деари.
Италија е првата земја во која се појавија знаци на инфекција со коронавирусот во Јужна Европа. Досега таму починаа 12, а заразени се 400 лица.
