УХМР предупредува: Следуваат дожд, грмежи, силен ветер и град

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неколкудневното стабилно и топло време, Македонија од утре влегува во период на атмосферска нестабилност. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, грмежи и услови за локално невреме кое ќе трае до сабота.

Според прогнозата, нестабилноста ќе биде најизразена во попладневните часови и во текот на ноќта, кога на одделни места се очекуваат поинтензивни процеси проследени со обилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер со брзина над 60 километри на час и појава на град.

Од среда се очекува постепено намалување на дневните температури, а разладувањето ќе биде најизразено за време на викендот, кога ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Во Скопје, од утре кон крајот на денот, како и во наредните денови, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови се очекуваат пороен дожд и грмежи, а во одделни делови од котлината ќе има услови и за краткотрајно невреме.

Од УХМР апелираат граѓаните да ја следат временската прогноза и да бидат внимателни во периодите кога се очекуваат поинтензивни временски непогоди.