УХМР со препораки за земјоделците пред најавеното заладување и дождовите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најавената промена на времето и пообилните врнежи бараат навремена организација на земјоделските активности, особено кај производителите кои сè уште го прибираат есенскиот род и ги подготвуваат нивите за новата сеидба. Агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) препорачуваат внимателно следење на влажноста на почвата и навремено складирање на собраните плодови за да се зачува нивниот квалитет.

По периодот со стабилно и претежно сончево време, од петокот атмосферските услови се дестабилизираат. Во наредните денови се очекува променливо облачно и постудено време со повремени врнежи од дожд, кои на некои повисоки планини ќе преминат во снег. Дополнително, најавен е засилен до силен северен ветер, кој локално ќе надминува 60 километри на час.

Според агрометеоролозите, претходните стабилни временски услови им овозможиле на земјоделците интензивно да работат на нивите, да го прибираат годинешниот род и да ги подготвуваат површините за следната реколта. Сувото време било поволно и за претсеидбена обработка на почвата и за почетокот на есенската сеидба кај поледелските култури.

Во тек е и завршното прибирање на пченката и сончогледот, кои ја достигнале технолошката зрелост. Истовремено, во овоштарниците се прибираат доцните сорти јаболка, круши, дуњи и мушмули, па се препорачува работите да продолжат навреме, пред влошувањето на временските услови.

Кај овошните дрвја веќе започнува и природниот процес на повлекување и акумулирање на хранливите материи во коренот и стеблото, што е важно за нивната отпорност на зимските мразеви. Во лозовите насади, пак, по завршувањето на гроздоберот, вегетацијата постепено привршува, што се забележува преку пожолтувањето и опаѓањето на листовите.

Агрометеоролозите посебно ги предупредуваат производителите на пиперки, домати и индустриски корнишони да ја забрзаат бербата на преостанатите плодови од отворените површини. Падот на ноќните температури и појавата на рани есенски слани може да предизвикаат сериозни оштетувања на родот.

За разлика од нив, зимските зеленчукови култури, меѓу кои зелката, карфиолот, празот и морковот, се во фаза на вегетативен развој и формирање на главиците и корените. Нивното прибирање се очекува кон крајот на месецот.

Овој период е погоден и за засадување есенски лук и кромид, како и за сеидба на спанаќ и зимска салата, култури што добро ги поднесуваат есенските услови и се наменети за рана пролетна берба.