Веќе два дена затворениците од Кумановската група кои издржуваат затворска казна во затворот Скопје штрајкуваат со глад во знак на револт бидејќи не им се дозволени семејни посети и користење слободен викенд. ТВ21 контактираше со роднина на еден од затворениците за да дознае за нивната здравствена состојба.
-Тие од вчера штрајкуваат со глад и излегоа во ходник. Денеска тројца од нив се вратија во своите ќелии, бидејќи директорот им ветил дека ќе им ги исполни барањата. Петмина други сѐ уште се во ходник. Нивната здравствена состојба во моментов не е нарушена, но не се знае, бидејќи тие немаат соодветен медицински третман, вели роднина на еден од затворениците.
Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски рече дека треба да се изврши увид во нивните досиеја, односно да се види дали ги исполнуваат условите за овие поволности.
Од опозициската АА велат дека петмината затвореници кои се во ходникот, ги исполнуваат условите, додавајќи дека има несоодветен третман врз затворениците. Северна Македонија не само што потврдува дека е хибриден режим, туку сега се движи и кон системи како на Северна Кореја, вели портпаролот на Алијанса, Арбен Зеќири.
-Сакаме да ја информираме јавноста дека петмина затвореници ги исполнија сите законски услови за користење слободен викенд, но ова право им се негира од директорот на затворот, иако добија позитивно мислење од надлежната комисија. Станува збор за Мусадик Пајазити, кој веќе 19 месеци има право на викенд, Арсим Бајрами кому 18 месеци му следува слободен викенд, Елхам Арифи – 12 месеци, Ирфан Љутфиу – 9 месеци, и Сеадодин Абдулаи кој веќе 5 месеци ги исполнува условите за користење слободен викенд, вели Зеќири.
Иста ситуација со штрајк се случи и пред два месеца кога 9-мина затвореници стапија во штрајк со глад кој траеше една недела. И тогаш им беше ветено решение, но без успех, ни рече роднината на затвореникот.
