Граѓаните кои работеле на брод, во Авганистан, биле на печалба низ други земји во изминатите пет години, како и фриленсерите кои работат од тука за странска компанија, да ги пријават парите кои ги заработиле од странство, а УЈП ќе утврди дали и колку персонален данок треба да платат тука. Доколку со таа земја имаме договор за избегнување на двојно оданочување, УЈП утврдува дали имаат даночен кредит или целосно ослободување,или и тука ќе треба да доплатат данок, а може да треба да платат тука и да си бараат поврат од другата земја. Ова во емисијата Бизнис 21 го појасни директорката на УЈП Елена Петрова, околу контролите на приходите на нашите печалбари во странство.
„Се вративме до 2020 година наназад, затоа што тоа е законскиот лимит во кој што можеме да постапуваме. Околу 7.400 покани се упатени на граѓани. Значи до сега имаме нешто над 1.000 доброволно поднесени пресметки од граѓаните за пријавување на нивниот доход и нормално оданочување, еве да ја проверам бројката, скоро 200 донесени даночни решенија“, порача Елена Петрова.
Петрова вели ова е универзално правило и сите наши резиденти имаат обврска данокот да си го платат во земјава. Под резиденти се лицата кои најмалку 183 дена во годината постојано, или со прекин, живееле во Македонија. Но УЈП проверува и дали имаат витални интереси, како живеалиште, семејство дома.
„Тие што живеат овде и имаат 183 дена, најмалку 183 дена во годината живеалиште во Македонија, тие тука треба да го платат данокот. Работата на брод зависи од тоа под кое да речам, под која јурисдикција е компанијата која што го организира тој, ја организира таа работа, дали имаме меѓународен договор“, вели Елена Петрова.
До нашата редакција веќе реагираа голем број граѓани на кои им стигнал повик да се јават во УЈП. Пред неколку години биле Авганистан, оствариле високи приходи, ги инвестирале во недвижност и сега прашуваат како да платат данок за парите кои ги потрошиле пред 5 години. Реагираат дека никој до сега не ги информирал.
Покрај овие приходи, Петрова најави дека следна голема акција, иако се опфатени и со оваа, ќе бидат проверките на закупите и сместувачките капацитети, особено преку Букинг и други платформи за да детектираат каде точно има пропусти во плаќањето на даноците.
