УЈП спречи кражба на 160 милиони денари – три компании се обиделе да го оштетат буџетот преку лажни фактури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Три компании се обиделе да „испумпаат“ пари од Управата за јавни приходи преку лажни фактури. Субјектите регистрирани за вршење дејности – трговија со нафтени деривати не поседувале ниту лиценци, немале ниту вработени, а не поседувале ниту бензинска пумпа. Како што информираше директорката на УЈП Сања Лукаревска, кога почнале контролите, компаниите преминале во сопственост на државјани на Хрватска и Косово. Станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи.

Лукаревска рече дека буџетот не е оштетен воопшто, бидејќи исплатата на ДДВ не е одобрена, а обидите од државниот буџет да се повлечат над 160 милиони денари завршиле без успех. Кај првиот и третиот случај пред да настапи промена на сопственост, сопственикот го променил презимето. Кога УЈП извршила контрола, утврдила дека станува збор за лажна адреса, односно дека на таа адреса се наоѓа стара семејна куќа.

Меѓу другото, претходниот сопственик ги избришал сите книговодствени евиденции и избегал. И кај вториот случај има промена на адреса и сопственост. Тука како нов сопственик се јавува државјанин на Косово, а по престанокот на вршење на дејноста, повторно продолжува со трговија на нафтени деривати.

Од УЈП се сомневаат дека станува збор за однапред смислена шема, со цел изигрување на законот. Прибраните докази се доставени до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција. Фирмите се од кумановско-липковскиот регион.