Три месеци без плата и блокирани од сите страни. Ваква е состојбата на Јавното комунално претпријатие и Градски паркинг во Тетово. Освен што вработените немаат плата, немаат ниту здравствено осигурување. Овие две претпријатија не можат да функционираат поради долгот кој од ден на ден се зголемува.
„Иако вработените во ЈКП Тетово и ЈП Градски паркинг работат во тешки услови, тие со месеци не зеле плата“, вели репортерот на ТВ21.
Поради долгот, сметката на ЈП Градски паркинг е блокирана, додека сметката на ЈКП Тетово неколку пати е блокирана па деблокирана.
„Во моментов жиро сметката на ЈКП Тетово не е блокирана. Ова претпријатие вложува максимални напори да почне да функционира нормално, бидејќи претходното раководство го има доведено во мизерна состојба. Што се однесува до Градски паркинг, состојбата е малку поинаква. На ова претпријатие сметката му е блокирана, а вработените два месеца немаат земено плата. Станува збор за месеците октомври и ноември“, посочија од Општина Тетово.
Прашавме во УЈП зошто овие сметки не биле блокирани и претходно, но до сега немаме одговор. ЈКП Тетово должи 9,7 милиони евра , а ЈП Градски паркинг 187 илјади евра.
