Укинат притворот на петмина осомничени за рушењето на настрешницата на железничката во Нови Сад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот.

Судот донесе одлука со која делумно ги усвои жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, што предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања на властите за коруптивни практики и лошо извршување на работите на неодамнешната реконструкција на станицата.

Меѓу првично уапсените, судот веќе го укина притворот на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, а со новата измена на пресудата, од притвор беа ослободени уште петмина обвинети, против кои ќе се примени електронски надзор и забрана за напуштање на домот во траење од три месеци, како и забрана за користење телефон, интернет и прием на други лица во домот.

Кон крајот на минатата година, беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати на понатамошна истрага.

Меѓу обвинетите се поранешната вршител на должноста директорка на Железничката инфраструктура на Србија Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски и поранешниот генерален директор на Железничката инфраструктура на Србија Небојша Шурлан.

Тие се товарат за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност. Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.