Укинување на техничката влада, но со консензус – Мицкоски: Ако СДСМ сега не прифаќа, тоа да се случи по следните избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По цели три часа разговори на лидерската средба која ја иницираше премиерот Христијан Мицкоски, а на која празно остана столчето за СДСМ, нема постигнато конкретни договори. Според информациите што ги добивме на самиот почеток биле отворени прашањата од реформската агенда, како и потребата од обезбедување на бадентерово мнозинство за изборот на Народниот правобранител како и двотретинското мнозинство за законот Сејф сити системот за што било истакнато дека во најскоро време треба да се најде решение за да може од први февруари да започне да функционира. Главен фокус беше укинувањето на техничката влада за што Мицкоски смета дека треба да се укине, но за тоа сепак нема консензус.

„Ако од опозициската СДСМ мислат дека за следните избори е потребна техничка влада, во ред, нека биде за следните, но барем од тие потоа кој и да победи на следните избори да нема повеќе техничка влада“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Но за ова прашање од ДУИ предложиле да се направат консултации со меѓународната заедница. Лидерот на партијата Али Ахмети истакна и дека на самата средба отвориле и дополнителни прашања за што се договориле со премиерот Мицкоски за тоа да разговараат на тет-а-тет средба.

„Во однос на прашањето за техничката влада ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународната заедница коишто се коавтори на текстот за Пржинската влада“, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Во однос на техничката влада од ВЛЕН се на ставот дека треба да се укине, но поради тоа што нема целосен консензус, тоа да се направи по одржувањето на следните парламентарни избори. Биљал Касами го отворил и прашањето за поголема можност за гласање на дијаспората.

„Треба да се најде можност за поголемо учество на гласање на дијаспората, затоа што цениме дека дијаспората е важен чинител во економските движења во државата. Исто така се отворија теми околу изборните единици но тука немаме појасен став дали една, три, сегашните шест или има предлози за осум“, вели Биљал Касами од ВЛЕН.

Токму за Изборниот законик од ЗНАМ и од Левица излегоа со став дека е потребно ново решение со една изборна единица и отворени листи, додека за техничката влада се со став да се укине. Беше отворено и прашањето за изборот на Народниот правобранител, за кое беше речено дека треба да се избере што е можно поскоро.