Се отвора ли патот за нова политичка криза во земјава откако претседателот на СДСМ Филипче се закани дека тие ќе го напуштат учеството во работната група за Изборниот законик доколку биде укината Пржинската влада а најави можност и за дополнителни политички чекори. Но премиерот Мицкоски не му даде значење на таквиот ултиматум и рече дека и работната група ќе функционира и без СДСМ, со што уште повеќе ја вжешти политичката сцена што отвора можност за последици во пресрет на изборните реформи. Укинувањето на техничката влада е сериозен ризик за демократскиот процес и води кон изборен фалсификат, оцени Филипче.
„Вистинското прашање, е зошто ова власт инсистира да се укине Пржинската влада? Тоа е вистинското прашање.Зошто ако тоа е гарант за фер и демократски избори? Зошто им сметат опозициски претставници во власта за време на спроведувањето на изборите? Тоа е вистинското прашање. А одговорот однапред го знаеме. Затоа што сакаат да направат изборен фалсификат. Тоа сакаат да направат. Целосна контрола на системот“, изјави Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ и Филипче постојано се противат на се што е реформско на Владата и со тоа не прават ништо добро на земјава.
„Филипче ретерираше од ставот, поточно заканите што ги кажа пратеникот Митко Трајчулески, дека ќе излегле од Собрание ако се укинела техничката влада. Ретерирањето е, можеби, една работа за која можеме да кажеме дека е добра, затоа што СДС се враќа на изворната идеја за укинување на техничка влада. Но, има еден јасен факт, а тоа е дека Филипче и СДС никако да се придвижат во насока да направат нешто добро за Македонија“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Политичките аналитичари Петар Арсовски и Владимир Божиновски во емисијата Клик плус на ТВ21 оценија дека потребата за техничката влада веќе е надмината и дека е созреан моментот таа да се укине, со забелешка дека мора да се задржат механизми за спречување на евентуални изборни злоупотреби. Предлог измените на законот за Влада со кои се предвидува укинување на Пржинската влада го помина комисискиот филтер и се очекува во текот на неделава да се најде пред пратениците на усвојување.
