Власта ги финализира измените на Законот за Влада кој треба да се најде пред пратениците во текот на идната недела. Измените на законот со кој меѓу другото се инсистира на укинување на техничката влада, минатата недела беше претставен на координаторите на пратеничките групи од министерот за јавна администрација Горан Минчев. За ова законско решение, имало забелешки. Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ повтори дека за следните избори техничка влада ќе има со промената на министерствата, но по изборите да се укине. Очекува да го гласа и опозицијата.
„Ајде нека стигне прво законот во Собрание па ќе видиме дали нема да гласаат. Затоа што така се изјаснуваа и претходно за некои прашања, за некои закони, дека ќе гласаат па нема да гласаат, дека нема да гласаат па ќе гласаат. Нека стигне па ќе видиме каков ќе биде нивниот став. Даваме демократска можноста нека важи техничката влада сега, нека победат на избори, потоа нека одлучат самите што ќе прават“, порача Бојан Стојановски.
Но, од СДСМ остануваат на нивниот став дека техничка Влада која е донесена со консензус и со посредство на меѓународната заедница треба да остане. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски во изјава за ТВ21 рече дека ќе почекаат власта да го достави законот, па ќе се произнесат за тоа како ќе гласаат.
„Тоа е во законот, меѓутоа ние сме против и сметаме дека треба да остане техничката влада која е донесена со консензус на сите политички партии со гаранции на Европската унија и САД. Нека го достават тој закон па да видиме што ќе достават. Има во него некаков текст ние даваме забелешки па на крај ќе видиме што ќе направат“, вели Оливер Спасовски.
Последната техничка влада би требало да биде избрана за следните избори, кои доколку бидат редовни ќе се одржат во 2028 година. Откако беше договорена во 2016 година, досега имаше 3 технички влади, предводени од Емил Димитриев, Оливер Спасовски и Талат Џафери.
