Украден мртовец од Инфективна во Струмица, подоцна вратен празен болничкиот кревет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Починал на Инфективната клиника во Струмица, а потоа телото заедно со креветот го украле и однеле дома. Ова не се сцени од филмот „Викенд на мртовци“, туку вистинска драма која утрово се случувала на истокот од државата.

„И после егзитусот на пациентот не се почитува протоколот како се зема телото на мртовецот. Доаѓа поголема група на нивни пријатели и роднини и на сила го земаат мртовецот од амбулантата.“, вели Наќе Гогов, директор на болницата во Струмица.

Мртовецот заедно со креветот преку ограда го изнеле во дворот, каде што ги чекало превозно средство, па се упатиле кон неговиот дом. Од струмичката болница велат дека со тоа не се почитувале протоколите, но сега тие немаат ниту можност мртовецот да го вратат назад.

Во текот на денот, пред болницата им бил вратен креветот, но не и мртовецот. 49 годишнито маж бил донесен во утринските часови со отежнато дишење.

„Околу 9 часот донесен е пациентот на Инфективна амбуланта заради отежнато дишење покачен крвен притисок, малаксаност, слабост и не може да се движи. Инаку, штом е донесен, веднаш е пристапено кон преглед и давање помош, терапија на пациентот. Пациентот е хронично болен кој што имал потешкотии со дишењето, белите дробови и покачен крвен притисок како и дијабет болест.“, рече Гогов.

Четири дена пред пациентот да биде донесен во инфективното одделение, се лекувал кај својот матичен доктор.

Од инфективното одделение најавуваат и покренување на постапка за случајот, поради како што велат насилниот упад и одземањето на мртвото тело без протоколи. Иако имал симптоми на коронавирус, сепак не се земени брисеви бијдеќи целата акција се одвивала за помалку од 20 минути.