Јапонија и САД започнаа големи воени вежби кои вклучуваат употреба на нови ракети со долг дострел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јапонија и САД во понеделникот започнаа голема заедничка воена вежба, во која учествуваат приближно 56.000 припадници на вооружените сили, а за првпат се вклучени и новите јапонски противбродски ракети со долг дострел.

Единаесетдневната вежба, наречена „Keen Sword 2027“ (Остар меч 2027), започна со свечено отворање на јапонскиот остров Ишигаки и ќе трае до 29 октомври, се наведува во соопштението објавено од DVIDS – официјалната платформа на американската војска за дистрибуција на медиумски содржини и информации.

Во вежбата учествуваат околу 45.000 припадници на Јапонските сили за самоодбрана и 11.000 американски војници, заедно со сили од Австралија, Канада, Франција, Германија, Холандија, Нов Зеланд и Филипините.

Јужна Кореја и Обединетото Кралство испратија набљудувачи.

Оваа вежба, која се одржува на секои две години – сега по 18-ти пат – опфаќа воздушна и ракетна одбрана, заштита на објекти, логистика, евакуација на повредени и поморски операции.

„Голема чест и од огромно значење е што денеска ја започнуваме вежбата ’Keen Sword 27‘ овде на Ишигаки, најзападната точка на Јапонија“, изјави адмирал Тавара Татеки, командант на Командата за заеднички операции на Јапонија.

Јапонскиот дневен весник „Јомиури Шимбун“ објави дека во вежбата за првпат учествува јапонската наведувана ракета „Тип 25“, дизајнирана за гаѓање цели на море. Ракетата, која според извештаите има дострел од приближно 1.000 километри, ќе се користи во симулирани операции, без боева стрелба.

Американските маринци распоредуваат противбродски ракетни системи NMESIS и опрема за противвоздушна одбрана MADIS на југозападните јапонски острови, во близина на Тајван.

Вежбата се одвива во услови на тензии меѓу Кина и Јапонија во врска со Тајван, како и во контекст на ширењето на кинеското воено и економско влијание низ поширокиот азиско-пацифички регион.

Јапонија, Јужна Кореја и Филипините се воени сојузници на САД во овој регион. Токио и Сеул се домаќини на приближно 50.000, односно 39.000 американски војници, додека Манила му овозможи на Пентагон пристап до своите воени бази.