Украина тврди дека со беспилотни летала погодила центар за податоци во близина на Санкт Петербург

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Единица за воени беспилотни летала на Украина денеска соопшти дека во текот на ноќта од сабота кон недела, во близина на Санкт Петербург, бил погоден центар за обработка на податоци што му припаѓа на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ (VKontakte).

Објектот, во кој се наоѓа еден од технолошките центри на социјалната мрежа, претрпел значителни оштетувања, а пријавени се и сериозни пречки во функционирањето на услугите, облак-платформите и инфраструктурата на „ВКонтакте“, наведе 412-тата бригада за беспилотни системи на „Телеграм“.

„Технолошката компанија ’ВК‘ (VK), која е сопственик на ’ВКонтакте‘, ѝ служи на комуникациската политика на Кремљ во контекст на војната против Украина. Нејзините ресурси се користат, меѓу другото, за поддршка на потребите на војската, органите за спроведување на законот и воено-индустрискиот комплекс“, додадоа од бригадата.

Во неделата, компанијата „ВК“ потврди дека нејзиниот центар за податоци во Ленинградската област бил цел на напад со беспилотно летало, но наведе дека функционирањето на нејзините услуги не било нарушено.