„Украина ќе победи како што победија Албанците“ – Ахмети со своите сопартијци во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украина ќе победи во војна како што победија и Албанците во Северна Македонија, бидејќи исто како и ние, и Украинците се во нивната земја. Ова го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера во Тетово каде реализира средба со тамошните жители под мотото „Заедно за Европа“.

„Во војна победува тој народ кој војува за својот народ, како што победивме и ние. Јас се сретнав со делегација од Украина и им реков дека тие ќе ја добијат војната бидејќи се во нивната земја, но да го засилат добро фронтот бидејќи победата е во нивна страна поради тоа што тие не војуваат за туѓа земја. Победата им припаѓа на тие кои се таму со нозе. Кој победи овде, ние, бидејќи бевме со нозете тука, нашите чизми беа тука а не туѓите“, вели Али Ахмети.

За овие зборови на Ахмети синоќа, денеска новинарите го прашаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Со достигнувањата на Албанците во институциите синоќа се пофали и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој оваа година е претседавач со ОБСЕ.

„Албанците од Македонија во канцелариите на ОБСЕ влегоа само за да пријават полициско насилство врз нив, дискриминација или за да се пожалат на дискриминација од институциите врз нив, за да пријават некој конфликт, и никако поинаку. Но видете што носи една кратка историја за малку години, реално една историја, контекст од 20 години се една секунда, но сега Албанците во канцеларијата на ОБСЕ не влегоа да се жалат за полициско насилство бидејќи во канцеларијата со мене беше шефот на полицијата во Тетово, со мене беа сите институции и јас влегов таму како прв човек на оваа организација“, вели Бујар Османи.

Следната средба ДУИ во Тетово ќе ја одржи со форумот на жените. Исто така средбите ги продолжува и таканаречената Огнена група, кои вечерва ќе се сретнат со форумот на жени во Скопје, каде ќе говорат за нивното незадоволство.