Украина сака да врати бегалци од Германија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украина сака да ги убеди бегалците кои се во Германија да се вратат, а украинската влада планира и советувалишта за бегалците кои сакаат да се вратат во Украина, изјави денеска украинскиот вицепремиер Олексеј Чернишов.

„Голем број бегалци кои се во Германија сериозно планираат да се вратат во Украина. Мораме да им помогнеме во тоа“, изјави Олексеј Чернишов за германските медиуми.

Чернишов, кој го предводи новоформираното Министерство за враќање на бегалците, минатата недела беше во Берлин за да се подготви за изградба на центри каде што украинските бегалци во Германија би можеле да добијат совет и помош за враќање во Украина. Тој објасни дека Украина страда од недостаток на војници, како и на работна сила во важни сектори.

„Ситуацијата во енергетскиот сектор, воената индустрија и градежништвото е особено критична“, рече Чернишов.

Тој им рече на воените обврзници дека ќе бидат ослободени од воена должност доколку бидат достапни за еден од секторите со дефицит. „Оној што работи во централата нема да биде регрутиран. Тоа е загарантирано“, изјави вицепремиерот на Украина.