Умешно избегнат евентуален скандал – Сиљановска на самитот во Скопје ја одбегна употребата на името на државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изминативе два дена поточно по посетата на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис но и заменичката Александра Пападопулу во јавноста се стравуваше да не дојде до дипломатски инцидент при можна реакција на грчките претставници на евентуалната неупотреба на уставното име на државата. Претседателот на Собранието Африм Гаши утрово имаше средба со заменик министерката Пападополу, но во соопштението не се наведува дали во разговорите го отворила и прашањето за примената на уставното име  во македонскиот парламент.

Заменик-министерката на грчкото МНР му го честиташе на претседателот Гаши изборот на функцијата, при што порача дека Северна Македонија има искрен пријател во Грција. Тоа, рече Пападопулу, е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ“, велат од Кабинетот на Претседателот на Собрание.

Прашањето околу употребата на уставното име на државата не било дел од разговорите ниту на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис на вчерашната средба во рамки на министерски состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Тие на самитот седеа еден до друг а таму беше и заменичката министерка за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу но за цело време Сиљановска одбегна да го употреби името на државата.  Атмосферата беше пријатна и мислам дека ние луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме, коментираше Сиљановска за средбата со Герапетритис.

Не, не ја отвори темата, седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде, оставивме простор бидејќи доцнел летот за него да се обрати како последен. Пораките му беа регионално обоени дека треба да си помагаме. Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Сиљановска беше и децидна дека не го крши Уставот со тоа што не го користи уставното име и смета дека тоа не би требало да предизвика проблеми.

Прво не мислам дека го кршам Уставот како што велите вие, не мислам дека неупотребувањето како велите вие на уставното име може да предизвика проблеми. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, оние на функции се толкува како да е официјален чин, ама секој од нас има и, како Јанус со две лица, едно официјално и едно друго“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Реакциите не само од грчка страна, туку и воопшто од голем дел од меѓународната заедница дојдоа откако Сиљановска на положувањето на заклетвата не го кажа уставното име, туку само го употреби терминот Македонија.