Реконструкцијата на Универзална сала никако да се реализира! Речиси една година салата е оградена со лим, а таму ништо не се работи. Објектот каде некогаш се одржуваа концерти и културни настани, долго време е во ваква состојба. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во интервју за Сител зборуваше за постапката за преземање на надлежностите на Универзална сала и за тоа каде заглавила постапката за завршување на реконструкцијата.
Средствата се доделени, но за да започне процесот на изградба на објектот треба да се знае актуелната состојба. Министерката Костадиновска-Стојчевска вели дека три месеци го чека тој документ од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Побаравме одговор од Град Скопје зошто се уште не му е доставен потребниот документ на Министерството за култура, но до сега немаме одговор.
Инаку Универзална сала веќе 7 години е надвор од функција. Најпрво екс градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски имаше проект за изградба на нова сала од темел, но потоа на власт дојде Петре Шилегов кој за да ја зачува автентичноста, рече дека салата само ќе се реконструира.
