Универзитетските професори бараат повисоки плати – Влада: Треба да се има предвид економската криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ побара од Владата зголемување на платите за 25% за вработените. Тие денеска во Влада одржаа средба со премиерот Ковачевски, вицепремиерот Битиќи и министерот Шаќири.

Од Владата пак, преку соопштение, порачаат дека треба да се вреднува работата на професорите и дека треба да се има предвид актуелната економска криза во земјава.

-Беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20%, односно, 5 % од септември 2019 година, 8 % од септември 2021 година и 7 % од септември годинава. Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детални анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и следната година, но и беше побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување на нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високо образовните установи-велат од Владата.

Од Владата додаваат дека ќе има стипендии за постдипломски студии и докторатури. Со оваа политика на доделување стипендии, порачуваат од Владата, ќе се поттикнат успешните студенти да се ангажираат во научни трудови.