Официјалната употреба на новото име Република Северна Македонија се очекува да започне на 15 февруари. Според информативната агенција Еуроактив, Грција се очекува на 8 февруари да го потпише протоколот за членство на земјава во НАТО. Потоа, во рок од 7 дена државните органи и институции, јавни претпријатија, дипломатски претставништва и конзулати треба да го употребуваат новото име и да ги сменат таблите.
Сите измени ќе се направат согласно Законот за употреба на јазиците, што подразбира дека измените на натписите ќе бидат на албански јазик на државно ниво. Портпаролот на Владата, Бошњаковски рече дека не очекуваат никакви проблеми во текот на имплементацијата на овие мерки. Тој рече дека ќе се формира меѓуресорска група која ќе подготви сенароден акционен план за надзор на извршувањето на овие задачи.
Во меѓувреме, бугарската влада даде зелено светло протоколот за членство на Македонија во НАТО да влезе во собраниска процедура. Пред само неколку дена, во дописот до МНР, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг порача дека Пристапниот протокол е во подготовка, кој ќе биде испратен на сите земји членки на алијансата за ратификација во нивните парламенти. Според најавите, Грција треб да биде првата земја која ќе го ратификува протоколот на договорот за членство на Македонија во НАТО. Потоа, откако ќе го сторат останатите држави, министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе добие покана за присуство на церемонијата на потпишувањето на протоколот во седиштето на НАТО во Брисел.
РЕПОРТЕРКА: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ