Управниот одбор на „Водовод“ бара оставка од директорот Митовски – ги поништи неговите одлуки за отпуштање на 93 вработени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се вжештува состојбата во Водовод и Канализација по одлуките на ВД директорот на ова Јавно претпријатие Марјан Митовски, кој по неговото назначување донел решенија на 93 вработени да им се поништат договорите за работа, како и одлуки за задолженија на над 30 вработени. Управниот одбор на Водовод на вчерашната седница ги укинал одлуките на Митовски и бараат од вд директорот да ги врати отпуштените работници на работа.

„За незаконските задолженија кои ги добиле над 30 вработени во претпријатието при што од страна на Управниот одбор беа поништени сите задолженија и другата точка беше расправа околу отпуштањето на 93 вработени во ЈП Водовод и канализација согласно годишна програма кои што од вд директорот Марјанчо Митовски беа отпуштени од работа. Истиот се задолжи до крајот на 2022 согласно програмата за вработување да бидат вратени на работа“, изјави Стојанче Кашиковски, претседател на синдикатот на ЈП „Водовод“.

Откако ќе ги спроведе ваквите одлуки на Управниот одбор на Водовод, од вд директорот Митовски се бара самиот да си поднесе оставка, поради начинот на неговото работење но и заканите за отпуштања што ги упатил до вработените. Доколку самиот не поднесе оставка бараат до среда градоначалничката Данела Арсовска таа да го разреши. Во спротивно, најавуваат дека ќе стапат во штрајк. 

„Ние како синдикална организација и како репрезентативен синдикат СУТКОЗ бараме пред се директорот да си поднесе самиот оставка бидејќи во четвртокот од негова страна и од страна на раководниот тим до сите вработени беше испратена заканувачка порака дека ќе бидат отпуштени вработени од претпријатието од работа бидејќи ќе се правела нова систематизација со рационализација. Тоа го сметаме за директна закана за работните места кон вработените“, вели Кашиковски.

За состојбите во Водовод и канализација се огласија и од Сојузот на синдикатите на Македонија од каде велат дека отпуштените работници ќе бидат вратени на работа, а бараат од градоначалничката Арсовска да преземе соодветни мерки.

„ССМ ги повика Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска веднаш да преземат мерки за решавање на ситуацијата во ова јавно претпријатие, во спротивно тие ќе бидат директно виновни за „шерифското однесување на поединци” со што ќе биде доведен во прашање целокупниот кредибилитет на градот и градоначалникот“, се вели во реакцијата од ССМ.

Митовски беше назначен за вд директор на Водовод и канализација откако  градоначалничката Арсовска го разреши претходниот директор Златко Перински, поради несогласувања за тендерот за прочистителна станица.