„Управниот одбор не донел посебна одлука за набавка на ВЛТ-апарати“ – Одбраната: Одлучувањето било во согласност со законот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Управниот одбор на АД „Државна лотарија“ не донел посебна одлука за набавка на ВЛТ-апарати, а потребата од нивна набавка не била посебна точка на дневниот ред, сведочеше денеска Христо Најданов, во својство на поранешен член на Управниот одбор на Државна лотарија, на судското рочиште за овој случај.

Тој рече дека таква одлука за јавна набавка не била донесена во периодот од 2017 до 2024 година, додека бил член на ова тело. Сепак, Најданов рече дека за проширувањето на активностите на компанијата и организирањето електронски игри на среќа се разговарало и во периодот кога директорка била Катица Николовска Парнакова, а подоцна на функцијата бил назначен сега првоосомничениот Прпарим Бајрами. Според неговото сведочење, членовите немале доволно време детално да ја разгледаат документацијата пред да се изјаснат на Управен одбор.

„Приближно од 2021 година, дневниот ред и дел од материјалите почнаа да ни се доставуваат електронски. Во некои случаи имавме доволно време да ги разгледаме, а во други не. Се случуваше материјалите да бидат испратени наутро, а од нас да се очекува да се произнесеме до попладне. Можам да зборувам за себе: понекогаш немав доволно време студиозно да ги разгледам материјалите. Колку што се сеќавам, одговорите на членовите најчесто беа позитивни. Немавме секогаш можност да се обратиме до надлежните служби за дополнителни објаснувања, особено кога стануваше збор за прашања за кои не сите членови имаа доволно познавања“, вели Христо Најданов.

Одговарајќи на прашањата на одбраната на првообвинетиот Прпарим Бајрами, сведокот потврди дека имал доверба во стручните служби на Лотарија, вклучително и во правниот и финансискиот сектор. Како причина за довербата во правниот сектор ја посочи работата на раководителот, кој, според него, ги објаснувал и аргументирал прашањата. На прашањето дали како член на Управниот одбор презел ризик потпирајќи се на доставените материјали, тој одговори потврдно.

„Во конкретниот случај имаме одлука на Надзорниот одбор, повикувајќи се на конкретен член од статутот, член 33, според кој тие имаат право и обврска да вршат контрола и да донесуваат одлуки. Де факто, тие донесуваат одлуки со кои го обврзуваат субјектот да ги спроведе. Сметам дека таквата одлука е во согласност со Законот за трговските друштва и во таа насока апсолутно нема никаква пречка“, вели Еленко Миланов.

Следното рочиште ќе се одржи на 30 октомври, кога се очекува да сведочат и други сведоци предложени од обвинителството. Инаку, вчерашното судско рочиште беше одложено бидејќи сведокот Надије Хоџа била на службено патување во странство.