Управувачкиот комитет за кризни состојби денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледуваат и усвојуваат плановите за повторно ставање во функција на водоводниот систем во Гостивар. Ова го соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски при посетата на реконструираното Одделение за трауматологија на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Премиерот Мицкоски најави дека на седницата ќе бидат донесени конкретни одлуки за справување со состојбата, нагласувајќи дека приоритет на институциите е што побрзо да се воспостави нормално водоснабдување.
„Најпрво треба да обезбедиме техничка вода, а потоа и безбедна вода за пиење. Државните институции веќе ги презедоа активностите за надминување на состојбата“, изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на истрагата за случајот, истакнувајќи дека Обвинителството работи на утврдување на одговорноста.
„Сите што имаат одговорност треба да бидат сослушани и против нив да се преземат соодветни мерки. Досега се идентификувани три лица, а институциите реагираа во најкраток можен рок“, рече премиерот.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека пред членовите на Управувачкиот комитет ќе биде презентиран стручен план за повторно активирање на водоводниот систем.
Според него, здравствената состојба во Гостивар е стабилизирана и бројот на нови случаи поврзани со епидемијата се намалува, поради што фокусот сега е насочен кон безбедно враќање на водоснабдувањето.
„Нашата цел е водоводот да биде пуштен во употреба што е можно побрзо, но само откако ќе ги помине сите неопходни тестирања и ќе се потврди дека водата е целосно безбедна за употреба“, истакна Клековски.
Во однос на штетите предизвикани од невремето, министерот посочи дека оштетените здравствени установи се осигурани и дека, по проценката на осигурителните компании, ќе започне обновата на оштетените кровни конструкции.
Клековски нагласи и дека законската одговорност за квалитетот на водата е кај јавното комунално претпријатие, кое е должно редовно да врши контроли и анализи на водата.
Тој додаде дека Центарот за јавно здравје – Тетово, преку подрачната единица во Гостивар, спроведувал контроли во рамки на предвидениот број годишни мостри, а сега се прави детална анализа на резултатите и на местата од кои биле земени примероците.
Министерот апелираше граѓаните да се информираат исклучиво преку официјалните институции и да не подлегнуваат на шпекулации. Тој посочи дека лабораториските анализи на примероците продолжуваат во микробиолошката и вирусолошката лабораторија на Клиниката за инфективни болести.
„Водоводот ќе биде пуштен во употреба само кога ќе биде целосно потврдено дека водата е безбедна. Досегашните анализи не покажуваат присуство на нови агенси кои би ја промениле клиничката слика кај заболените. Станува збор за вируси и бактерии што предизвикуваат гастроинтестинални симптоми, какви што беа регистрирани и досега“, рече Клековски.
