Уривањето на куќата одложено за една недела – општина Тетово постигна договор со семејството Рушити

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ослободувањето на улицата што ќе овозможи продолжување на работите на булеварот Благоја Тоска нема да се случи уште барем две недели. Иако за денеска беше најавено уривањето на единствената куќа која е останата на делот каде што треба да минува булеварот, тоа не се случи. Претставници на општина Тетово се договорија со сопственикот на куќата просторот да се ослободи по две недели, а општината ќе му плати кирија за 6 месец на семејството Рушити.

„Одлучено е и уште две недели ќе останеме тука. За две недели треба да напуштиме и да ни ги дадат парите од проценката и да се направи план да градиме“, вели Ислам Рушити.

Но претседателот на општинскиот совет, Бесар Дурмиши вели дека општината нема никаков спор за земјиштето.

„Како што сте известени сите административно-технички процедури кои требаше да завршат за булеварот Благоја Тоска, завршени се и беа 20 семејства од кои што е направена експропријација, денеска дојде инспекторатот и полицијата за да ги отсели од тука, се договорија за една недела да ги преселат сите работи. Општина Тетово најде место кое ќе ја покрие киријата додека семејството најде место за живеење со парите од експропријацијата“, додава Бесар Дурмиши.

Општина Тетово во петокот му даде ултиматум на семејството Рушити да ја напушти куќата до 11 часот во понеделник. Со уривањето на куќата на семејството Рушити, конечно ќе се отвори улицата за булеварот кој се ветува веќе 20 години.