Карциномот на пенисот е ретка, но сериозна болест, а раното откривање и навременото јавување на лекар може да имаат големо значење во лекувањето. Од Клиниката за урологија во Скопје велат дека во Македонија се регистрираат околу 1,7 случаи на 100.000 мажи, стапка која, според податоците на IARC и HPV Information Centre, се смета за една од највисоките во Европа.
Лекарите апелираат да не се занемаруваат рани кои не зараснуваат, крвавење, задебелување на кожата, промени во бојата или каква било друга невообичаена промена на машкиот полов орган.
Во случај на дијагностицирање и онколошко лекување, кај одредени пациенти може да се примени и реконструктивна хирургија, која може да помогне во обновувањето на изгледот, мокрењето и сексуалната функција.
Од Клиниката за урологија апелираат пациентите да не се срамат и да не го одложуваат прегледот, туку навреме да побараат помош и уролошки преглед.
