Уште 1 година до одлуката на УНЕСКО, дали ќе се гради пристаниште кај Студенчишко блато во Охрид?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што е направено до сега за Охридското езеро да не добие статус на загрозено светско културно и природно богатство. Помина една година од одржувањето на Советот на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО при што беа дадени уште две години рок за зачувување на статусот. Оттогаш до сега отстранети се само неколку платформи околу Охридското езеро а уривањето на платформите и отстранувањето на узурпаторите на плажите се одвива бавно. Од еколошкото здружение Фронт 21/42 се скептици дека Охрид ќе успее да ги исполни препораките на УНЕСКО.


„Се продолжува со легализацијата на бесправно изградените објекти; Продолжуваат активностите за изградба на Коридор 8 за автопат и железница без да се предложат алтернативни рути. Во моментов се носат Стратегија за рурален развој на Општина Охрид и Стратегија за туризам на Општина Охрид кои се спротивни на препораките на УНЕСКО. Пример: Во Извештајот од 2020 година првата препорака на УНЕСКО „1а“ е да се откаже планот за марина во Студенчишко Блато и било каква урбанизација на и околу блатото, а Стратегијата за туризам го предвидува токму тоа“, велат од еколошката организација „Фронт 21/42“

Местото каде се предвидува пристаништето е токму овој дел кој е доста фреквентен во текот на летната сезона и ги прекршува препораките на УНЕСКО токму за пристаништето, нешто што е дефинирано во извештајот за 2020.

Во Студенчишко блато кое се наоѓа овде во Охрид, општина Охрид предвиде дека во стратегијата за туризам од 2020 до 2025 овде ќе се гради пристаниште, но од Комисијата на УНЕСКО во 2020 се вели на ова место да не се гради никакво пристаниште и ова место да не се узурпира.

Претседателот на Комисијата за управување со културното наследство на Охрид, Зоран Павлов, вели донеле важни одлуки во влада кои би го спасиле статусот и верува дека во 2023 ќе добијат позитивни сигнали од Комитетот за светско наследство. Што се однесува до градењето пристаниште, вели дека тоа не може да се случи.

Павлов тврди дека со одлука на владата е формирана работна група за подготовка на стратешки план за рехабилитација на културното наследство во Охридскиот регион. Инаку во 2023 се очекува да се одлучи дали Охридскиот регион ги исполнил препораките на Комитетот на УНЕСКО, во спротивно Охридското езеро ќе премине во “Загрозено светско културно и природно наследство“.