Пристапот до уште 104 интернет-страници за нелегално приредување игри на среќа ќе биде ограничен, откако Министерството за дигитална трансформација доставило нов налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Со најновата мерка продолжува акцијата за сузбивање на нелегалното онлајн коцкање, а вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигна 462.
Од Министерството информираат дека активностите се насочени кон спречување на работењето на интернет-платформи кои нудат игри на среќа спротивно на законските прописи во државата.
Како што посочуваат, целта е поголема заштита на граѓаните во дигиталниот простор, особено од можните злоупотреби на личните и финансиските податоци при користење нелегални платформи.
Посебно внимание се посветува на заштитата на малолетниците и спречувањето нивна изложеност на онлајн коцкање.
Според доставениот налог, АЕК има рок од пет дена да го проследи барањето до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите потоа треба веднаш да постапат и да го ограничат пристапот до наведените интернет-страници, при што корисниците ќе добиваат известување за причината поради која страниците се блокирани.
Од Министерството упатуваат апел до граѓаните да бидат внимателни при користењето интернет-платформи и да не оставаат лични или банкарски податоци на непроверени веб-страници.
Дополнително, родителите и старателите се повикани да ја следат онлајн активноста на децата и да разговараат со нив за опасностите што ги носат нелегалните игри на среќа на интернет.
Министерството за дигитална трансформација најавува дека ќе продолжи со активностите во рамките на своите надлежности за ограничување на нелегалното онлајн коцкање и создавање побезбеден дигитален простор.
Во прилог на соопштението се доставени и списокот со дополнителните 104 веб-страници, како и официјалниот допис испратен до АЕК.
