При крај е. Вака првиот вицепремиер Изет Меџити одговори за тоа до каде е законот за правична застапеност иако овој одговор веќе неколку месеци наназад го повторуваат лидерите од ВРЕДИ. Токму Меџити пред 10 дена најави дека за некој ден треба да се одржи средба со владините коалициони партнери за конечно усогласување на ставовите. Денеска го повтори истото.
„При крај сме. Нема сега да нагаѓаме, значи се очекува последниот состанок да се форматира предлог законот и ќе бидете известени“, вели Изет Меџити.
Крешник Бектеши од ДУИ во Дејли клик на ТВ21 рече дека правичната застапеност со месеци се дискутира во јавност, а вицепремиерот Меџити постојано ветува дека законот ќе биде за една недела ќе се најде во собраниска процедура. Месеци поминаа а нема ниту драфт верзија од овој закон и нема ниту најава во кој правец оди овој закон кој треба да го регулира уставното прашање што произлегува од Охридскиот договор, критикува Бектеши.
„До овој момент немам информации дека е испратен некаков предлог, па макар и подготвителна верзија, за да може да биде разгледан од пратениците, но и од експертите. Но граѓаните знаат дека поминаа месеци без никаков закон, напротив, имаме партизација на институциите и, за жал, со не-Албанци кои им го заземаат местото на Албанците кои им припаѓаат според Уставот“, вели Крешник Бектеши.
Донесувањето на новиот закон за правична застапеност беше договорен како замена за Балансерот кој беше укинат од Уставниот суд. Со овој закон треба да се обезбеди етничката застапеност при вработувањето во јавните институции, но од укинувањето на Балансерот поминаа околу 5 месеци, со што се создава правен вакуум во спроведувањето на оваа обврска.
