„Усје“ во фокусот на Советот на Скопје – опозицијата бара дебата за дислокација на цементарницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните побарале дислокација на цементарницата „Усје“, и институциите меѓу кои и Градот Скопје, се должни да им овозможат здрав живот, изјави советникот Марјан Калевски од иницијативата „Зелен и хуман град“ на денешната седница на Советот.

– Градот Скопје е институција и има обврска тоа да им го овозможи на граѓаните. Ве молам уште еднаш, оваа точка да се стави на дневен ред, бидејќи има итна потреба. Загадувањето е сега, не треба да биде за еден или два месеца, кога можеби и нема да има повеќе месеци, вели Марјан Калевски, советник во Град Скопје.

Советникот од редовите на ЛДП, Ристо Пенов, рече дека овој проблем е многу сериозен во Скопје и дека, иако Градот нема надлежности да одлучува за дислокација, добро би било да се дебатира, да се искажат мислења и да се покрене некаква иницијатива, бидејќи, како што истакна, сите предупредувања се сериозни дека цементарницата силно загадува.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потврди дека Градот Скопје нема надлежности врз функционирањето на цементарницата, но дека ќе се отвори дебата и заклучоците ќе им бидат доставени на надлежните институции, како што е Министерството за животна средина.

– Ние како Совет и како Град Скопје, и во буџетот што денес треба да го изгласаме, имаме точки што се однесуваат на заштитата на животната средина на главниот град. Но, тоа се точки за кои имаме надлежности и повторно ќе потенцирам дека, и покрај фактот што немаме конкретни надлежности над цементната индустрија, не гледам проблем да се дојде до заеднички заклучок и истиот да се достави до надлежните институции за понатамошно постапување, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

На крај, беше одлучено да има дебата за дислокацијата на цементарницата „Усје“. Претходно, опозицијата во Советот на Скопје побара инспекциски надзор во „Усје“, со конкретни мерки, а не со празни ветувања.

Од цементарницата „Усје“ ги отфрлија сите обвинувања дека нивната дејност е причина за загадувањето на воздухот во главниот град, наведувајќи дека фабриката е под 24-часовен независен мониторинг и дека сите мерења се под законски дозволените граници.

Тие во својата реакција велат: „ТИТАН Усје реагира дека не е причинител на загадувањето на воздухот во Скопје и целосно ги отфрла, како што наведуваат, неоснованите и невистинити обвинувања упатени кон компанијата. Оттаму посочуваат дека работењето се одвива согласно најдобрите достапни техники во цементната индустрија и според стандардите што важат во Европската Унија.

Од компанијата додаваат дека располагаат со А-интегрирана еколошка дозвола и спроведуваат 24-часовен мониторинг на издувните гасови, при што мерењата континуирано покажуваат емисии под законските лимити, кај одредени параметри и повеќекратно пониски. ТИТАН Усје потенцира дека филтрите се составен дел од производниот процес и не можат да бидат исклучени додека печките работат, најавувајќи дека и натаму ќе продолжи со транспарентно и законско работење“.