Условна казна затвор за поранешната шефица на Антикорупциска, Татјана Димитровска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја донесе пресудата за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска. Таа е прогласена за виновна за две кривични дела: одавање службена тајна и компјутерски фалсификат, за што судот ѝ изрече единствена условна казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во следните три години не стори ново кривично дело.

Поединечно, за одавање службена тајна на Димитровска ѝ беше утврдена казна затвор од осум месеци, додека за компјутерски фалсификат доби шест месеци, кои судот ги спои во единствената условна казна.

Во истиот судски процес, виновен е прогласен и второобвинетиот во предметот Миле Столевски, кој е осуден за „компјутерски фалсификат“ на алтернативна мерка – условна казна од шест месеци затвор, која нема да се реализира доколку во рок од две години не направи ново кривично дело. Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева е слободена од обвинението за одавање службена тајна, бидејќи Обвинителството не успеа да понуди докази надвор од разумно сомневање за нејзина инволвираност.

Според обвинителниот акт, Димитровска се товареше дека му споделувала службени информации на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“ Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и дека ревизорот Столевски го полагал во нејзино име тестот за безбедносен сертификат.

Образложувајќи ја одлуката, судијата Илија Трпков потенцираше дека првиот човек на Антикорупциска не само што раководи со институцијата, туку мора да биде пример за доверба. Судечкиот совет подвлече дека секое неовластено споделување информации директно го урива интегритетот на Комисијата и претставува тешка повреда на службената должност.

За време на завршните зборови на 8 јули, обвинителот побара строго санкционирање на Димитровска, посочувајќи ја нејзината висока функција како дополнителна отежнителна околност. Одбраната, пак, бараше ослободителна пресуда со тврдење дека Обвинителството не испорачало релевантни докази за вина.

Странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје во рок од осум дена.