„Уставни одлуки според програмата на ВМРО“ – Ахмети му испрати писмо и на Мицкоски, но премиерот не го прочитал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати писмо до државниот врв на Албанија и Косово, како и до неколкумина високи меѓународни претставници во кој предупреди дека се доведени во опасност и Охридскиот договор и меѓуетничките односи, тој утрово писмо со слична содржина му испрати и на премиерот Христијан Мицкоски. Во писмото, Ахмети наведува дека неодамнешните одлуки на Уставниот суд за укинување на Балансерот и претстојната одлука за Законот за јазиците се под директно барање на неговата партија кои имаат влијание врз меѓуетничките односи и затоа бара од него да ги преиспита одлуките.

„Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи  во Северна Македонија. Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност. Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија“, вели Али Ахмети.

Запрашан за писмото на Ахмети, премиерот Мицкоски само кратко одговори дека се уште не го добил.

„Не, не. Не сум го видел, инаку, јас добивам дневно многу писма и ги читам тие писма, добивам многу пораки, со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети и на секое писмо од секој граѓанин кој што пристигнува.  добил, кога ќе го добијам ќе го коментирам. Ние не го губиме времето во пишување писменца туку во работа и така и ќе продолжиме“, вели Христијан Мицкоски.

Ахмети вчера испрати писма до претседателот и премиерот на Албанија и на Косово, како и до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и државниот секретар на САД Ентони Блинкен. И вчерашното писмо е со слична содржина како и денешното до Мицкоски во кое тој изразува загриженост за политичките и уставните случувања во земјава, кои, како што наведе, ги загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата.