И по еден месец од изборот на нов претседател на Комисијата за избори и именувања како и нејзино комплетирање со членови, се уште нема закажано седница за избор на уставни судии. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека власта и натаму манипулира со изборот на судиите и се обидува да го партизира Уставниот суд. Најавуваат дека тие наскоро ќе поднесат предлози за уставни судии.
„Ние кога зборувавме при самите седници кога се вршеше измената на членови на Избори и именувања кажавме дека имаме една одлична ситуација во државата, прилика да избереме независни уставни судии затоа што впрочем, пленумот е на мнозинството и ниту еден кандидат кој би бил предложен дури и од Комисија која што има мнозинство од опозицијата не би можел да помине на пленум доколку стане збор за партиски предлог, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Новоизбраната претседателка на Комисијата за избори и именувања вели дека засега се уште нема предлози за нови уставни судии и поради тоа не ја одржува седницата.
„Разговарав со членовите на Комисијата и очекувам во најскоро време да ме известат за нивни предлози. Веднаш штом имам информација дека има предлози, ќе закажам продолжение на Комисијата за предлагање уставни судии, но и за сите незавршени постапки за избор на други тела за кои што е надлежно Собранието“, вели Марија Георгиевска претседател на комисијата за избори и именувања.
Од Уставниот суд велат дека и натаму немаат информација дека воопшто во најскоро време се очекува да се изберат судиите.
„До Уставниот суд не е пристигната официјална информација за избор на нови уставни судии. Последната формална комуникација со претседателот на Собранието Талат Џафери е во февруари годинава кога со писмо апелиравме побрзо да се изберат судиите. Оттогаш немаме официјална информација што се случува и зошто не се бираат судиите“, стои во соопштението од Уставен суд.
Неодамна претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска рече дека работат на работ на кворумот со само 5 судии, но дури и да ги носат одлуките едногласно, сепак тежината би била поинаква доколку за тоа одлучуваат сите 9 судии. До крајот на годинава на уште еден судија му престанува мандатот со што судот ќе биде блокиран бидејќи тогаш ќе немаат мнозинство за работа.
