Уставниот суд пред протестот на културните работници: Не е донесена одлука, се оценува уставноста на Колективниот договор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд, во однос на најавениот протест пред Уставниот суд денеска, судот информира дека во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за културата. Станува збор за втора фаза во која ќе се оценува уставност и законитост, конечна одлука за оспорените акти се уште не е донесена, соопшти Уставниот суд.

„Со особено внимание се следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразуваат претставниците на културната заедница. Уставниот суд го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест како темелна демократска вредност“, се вели во соопштението.

Поради ова, Судот апелира до јавноста,  внимателно и објективно да ги следи информациите поврзани со овој предмет, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката. Точното информирање е особено важно за да не се создава впечаток дека Судот веќе донел одлука или дека предметот се однесува на вреднување на работата, значењето или примањата на уметниците и културните работници. 

„Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања. Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Почитта кон нивната улога во општеството е неспорна“, соопштија од Уставниот суд.