Уставните промени не се закана за државата – Цаца Николовска: Работната група нема мандат за формулацијата 20%

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со внесувањето на Бугарите во Уставот не се нарушува идентитетот или пак да има некакво редефинирање на државата. Ова го изјави претседателката на работната група за уставни измени во емисијата на Тв21 Клик Плус, која истакна дека целта на уставните промени е исполнување на преземените обврски од Преговарачката рамка за членство во Европската унија.

„Прашањата дека со Преамбулата ќе дојде до промена на идентитетот на македонскиот народ, редефиниција на уредувањето, бинационална држава, мислам, се прашања кои што само се со цел да поттикнат нешто кое што во овој момент не ни е потребно. Во овој момент на Македонија како држава и е потребно да работи на остварување на стратешката цел, она што е да се влезе во Европската унија.“, рече Николовска.

Но дали сепак ќе се отвори барањето на дел од партиите на Албанците во земјава за отстранување на формулацијата 20 проценти, Цаца Николовска, рече дека тоа прашање не е во мандатот на работната група.

„Тоа не е мандат на оваа работна група. Јас се согласувам дека тоа можеби е прашање кое што задира одредени структури и можеби е тоа прашање кое треба да се разгледува меѓутоа не во оваа работна група. И не сега. Сега она што е најважно е првенствено што е задачата на оваа работна група за да овозможи она што значи задача од меѓународните организации односно Европска унија.“, рече Николовска.

Работната група изминативе неколку средби работеше на усогласување на Деловникот за работа и материјалите кои ќе се користат. Утре ќе има нова средба и веќе се очекува да почнат со работа во изготвувањето на нацртот на иницијативата за уставните измени согласно со Преговарачката рамка кој потоа треба да биде доставен во Владата.