По долгата блокада, законот за државјанство како што изгледа го најде патот до усвојување.
Собранието со 66 гласа ЗА, 38 против и 3 воздржани ја изгласа потребата за усвојување на законот за државјанство со европско знаменце.
Се очекува утре да се најде на комисијата за европски прашања каде може да се дискутира три дена и потоа да се врати на пленарна седница на гласање. Предлагачот на законот, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека со овој закон ќе се олесни добивањето државјанство за граѓаните кои наишле на пречки.
Но, од Левица велат дека ќе го блокираат законот и во Комисијата за европски прашања, но без да откријат како ќе го сторат тоа. Пратеникот на Алијанса за Албанците пак, Елми Азири смета дека законот нема да наиде на пречки и нови блокади, со оглед на тоа дека е со европско знаменце.
Албанската опозиција очекува законот брзо да ги помине останатите процедури и да биде усвоен час поскоро, а според Деловникот на Собранието партиите ќе можат да доставуваат амандмани за законот сѐ до почетокот на седницата на Комисијата за европски прашања.
