Утревечер по 20 часот по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и официјално ќе се соопшти реконструкцијата на Владата. Иако неофицијално се вртат и имињата и ресорите кои ќе бидат опфатени со промената на владиниот кабинет, сепак премиерот Мицкоски одби да соопшти кои ќе бидат тие. Само рече дека има принципиелен договор со коалициските партнери во Владата
-Ние не сме разговарале за персонални решенија, за имиња, принципиелно имаме договор околу ресорите. Јас во минатото кажав, додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата нема да коментирам ниту ресори ниту имиња, почекајте до утре до отприлика 20 часот јавноста ќе биде подетално запознаена, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Со реконструкцијата, како што е познато, ќе биде опфатен и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Ниту тој не сакаше да открива детали што ќе се случува со него, откако веќе е извесно неговото заминување од Министерството.
-Не е важна позицијата на Фатмир Лимани. Многу поважно е дали ќе создадеме простор за младите тука. Како и да е, јас работите ги гледам на долг рок. Кога си заминав од ДУИ, некои мислеа дека ќе умрам, но јас се преродив. И денес, кога сме тука, некои мислат дека Фатмир Лимани со неговото заминување ќе умре, но ние се преродуваме одново и одново, за да создадеме услови за младите, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
За идната позиција на ВЛЕН во Владата вчера зборуваше вицепремиерот Беким Сали, кој рече дека во иднина тие ќе имаат 6 министерства. Од нив, ќе водат 3 нови министерства – и тоа за правда, култура и Министерството за односи меѓу заедниците, а се откажуваат од здравство и социјална политика. Од опозициската ДУИ критикуваат дека кадрите на ВЛЕН во Владата не покажале ништо во корист на Албанците и затоа, според нив, не е важно кој ќе замине а кој ќе дојде со оваа реконструкција.
-Каква и да е распределбата, кои и да се тие министри коишто ќе бидат именувани или разрешени, тие се во функција или на извршители или на адвокати на оваа програмска определба. А бидејќи ја немаат волјата на Албанците било која распределба и именување ќе биде волја на премиерот и македонската политичка партија во Владата и тоа нема да се одрази на волјата на Албанците, вели Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
Според досегашните информации, покрај Лимани, од Владата заминуваат министерот за здравство Азир Алиу, Цветан Трипуновски од земјоделие, Игор Филков од правда, Зоран Љутков од култура, Весна Јаневска од образование, како и Иван Стоиљковиќ од Министерството за односи со заедниците, кое го презема кадар на ВЛЕН. Стоиљковиќ и самиот напиша дека си заминува, а министерството го остава во добра форма во која се исклучени сите непотребни трошења.
