Утре Пендаровски ќе му го даде мандатот на Ковачевски – Џафери: Ако до 10-ти се достави предлогот, избор на нова Влада на 16 јануари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, се очекува утре да му го додели мандатот за состав на новиот владин кабинет на новиот претседател на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски. Очекувањата на претседателот на Собранието Талат Џафери се дека предлогот за новата Влада и програма да ги добие на 10 или 11 јануари а да биде изгласана до полноќ на 16 јануари.

„Утре би требало да биде денот Д за доделување мандат на новиот мандатар кој веќе е определен, тоа е претседателот на СДСМ. Очекувам некаде 10-11 да добијам предлог-состав на Влада и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои што се во Собранието да се определи датум за одржување седница. Најверојатно тоа ќе биде 15-16 јануари, односно, ако се добие 10-11 ако се добие предлогот , 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16 пред 24 часот да се изгласа нова Влада која на 17 сабајле би преземала функциите во министерствата“, истакна Талат Џафери.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување седницата за пратенички прашања во четврток на 30 декември што го доставија во Собранието вчера, Џафери рече дека тоа е беспредметно. На тоа прашање одговорив уште на 23, Владата е во оставка и нелогично е да има пратенички прашања, рече Џафери.

„Барањето е беспредметно и мислам дека истото ќе биде вратено со ова образложение, затоа што како што кажав, впрочем Владата е во оставка и мандатот на владините претставници е престанат. Јас разбирам сега од аспект на надлежности, можеби од аспект на пи-ар е направено барањето, значи тоа е дојдено до мене, но соодветно ќе биде одговорено“, посочи Талат Џафери.

Џафери на денешната годишна изјава за работата оцени дека законодавниот дом ја потврдил својата ефективност и продуктивност и покрај ограничувачките услови поради Ковид 19. Од вкупно 59 пленарни седници 39 се завршени. Во 2021 година донесени се вкупно 209 закони од кои по редовна постапка се 111, а по скратена постапка се донесени 79 закони.