Утре почнува пописот, оние кои ќе инсистираат ќе им биде обезбеден вакциниран попишувач

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Утре започнува пописот. По 20 години и еден пропаднат попис, конечно во земјава ќе почне најголемата статистичка операција. Првиот човек на статистика Апостол Симовски уверува дека се е подготвено за успешен старт на пописот со сите безбедносни протоколи, а воедно ги повика граѓаните да ги примат попишувачите. Тој рече дека две третини од пријавените попишувачи се вакцинирани.

„Таму каде што граѓаните ќе инсистираат да бидат попишани од страна на вакциниран попишувач тоа ќе се случи. Техниката и начинот зависи од тоа каде и кога се побарало и ние ќе го обезбедиме тоа. Се разбира нема да биде истиот момент ќе се договориме со тоа домаќинско кога и во кое време им одговара да дојде лицето кое е вакцинирано да ги попише“, вели Симовски.

Но што со оние граѓани кои се заболени или пак се во изолација. Симовски вели, сите информации ќе ги добиваат од Министерството за здравство.

„Министерството за здравство ќе ни доставува списоци на дневна основа каде има заболени лица и каде има лица во изолација. Нашата намера е да почекаме ако за тоа има можност да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето и тоа да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа ако не постојат услови за вакво нешто тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето“, рече Симовски.

За тоа дека максимално ќе бидат почитувани протоколите за безбедно спроведување на пописот говореше и заменик директорот Илми Селами.

„За оние кои се плашат од ширење на заразата посебно сакам да истакнам дека нашите попишувачите максимално ќе ги почитуваат и применуваат заштитните мерки пропишани во Протоколот за спроведување на попис за време на Ковид. Но воедно апелираме и до граѓаните и тие да ги почитуваат пропишаните мерки за сите ние да се чувствуваме безбедно во текот на овој битен процес.“, рече Селами.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во вчерашното интервју во „10 минути“ на ТВ21 рече дека со пописот ќе бидат опфатени и нерезидентните граѓани.

„Нам ни е битно да се добие реалната слика и мислам дека затоа и резидентните и нерезидентните во вкупната бројка не очекуваме големи отстапки од она што било претходно. Меѓутоа како и да биде треба да ја имаме реалната слика а ничии права нема да бидат загрозени.“, рече Маричиќ.

За прв пат на овој попис, освенн прибирање на податоци директно од граѓаните, ќе се користат и податоци од таканаречената претпописна база каде со внесување на матичниот број на граѓанинот автоматски се добиваат податоци на граѓаните. Пописот кој започнува утре ќе трае 25 дена односно до 30-ти овој месец. Претходно, на први март годинава започна и пописот на дијаспората која исто така ќе трае до крајот на овој месец.