Утре започнува КРИК – Фестивалот за критичка култура 2026

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фестивалот за критичка култура КРИК и годинава носи програма што ги поврзува современата теорија, уметност и општествени прашања, отворајќи простор за јавна дебата за предизвиците на денешницата.

Изданието за 2026 година ќе биде отворено на 26 јуни во КСП Центар Јадро со промоцијата на книгата „Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ на Валерија Грацијано, Марсел Марс и Томислав Медак. Настанот ќе вклучува разговор со авторите, кој ќе го водат Артан Садику и Јована Ѓерасимовска, а во фокусот ќе бидат прашањата за солидарноста, заедничките добра и општествената одговорност.

Програмата продолжува на 29 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје со гостувањето на шведскиот филозоф Мартин Хеглунд, кој ќе одржи предавање посветено на неговата книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“. По предавањето е предвиден разговор со авторот, модериран од Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров.

Завршниот настан ќе се одржи на 30 јуни во Музејот на современа уметност, каде теоретичарката Алиса Жулина ќе говори на тема „Театар на капиталот – модерната драма и економскиот живот“. Предавањето ќе биде проследено со разговор што ќе го води Петар Милат, а ќе се осврне на односот меѓу културата, економијата и современите општествени процеси.

Повеќе години наназад, Фестивалот КРИК е посветен на афирмација на критичката култура и нејзината улога во демократизацијата на општеството. Преку предавања, дебати, уметнички програми и јавни разговори, фестивалот ги истражува врските меѓу уметноста, политиката и граѓанскиот ангажман, поттикнувајќи критички дијалог и нови форми на создавање и споделување знаење. Како платформа за општествена рефлексија и трансформација, КРИК се спротивставува на „културата на тишината“ и отвора простор за преиспитување на современите општествени и политички процеси.