В петок пресуда за модуларната болница во Тетово – семејства: Да се разбудиме од сон за да не се повторат вакви случаи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пресудата за пожарот во модуларната болница во Тетово ќе биде донесена в петок. Денеска се одржаа завршните зборови во тетовскиот суд. Адвокатите на Флорим Бесими и Артан Етеми побараа нивните клиенти да бидат изземени од обвинението, тврдејќи дека тие не носат никаква одговорност за противпожарниот систем во болницата. Од друга страна, правните застапници на семејствата на жртвите побараа тетовската болница да биде прогласена за виновна и на семејствата да им се признае правото на обесштетување, нагласувајќи дека се чувствувале игнорирани во текот на целиот судски процес и по трагедијата. По завршувањето на рочиштето, семејствата го изразија своето незадоволство од текот на судењето, велејќи дека вистината за причините за пожарот сè уште не е откриена.

-Ми изгледаше како квиз а не рочиште. Како што и самите слушнавте едната страна излегува и тврди дека имало ПП апарати, а другата вели немало, така да имало или не ПП апарати ние како семејства на 14 жртви на модуларната болница чувствуваме болка иста како тој ден кога изгореа нашите најсакани. Ние очекувавме дека ќе биде изречена заслужената казна но одлуката ќе се донесе на 16 мај во 12 часот. Ние сме многу разочарани од правдата во Македонија и ќе ја искористам приликата да им кажам на сите граѓани кои живеат во Македонија без разлика на припадноста да се разбудат од сон бидејќи нашите мајки и татковци изгореа, за да не се повторат вакви случаеви, тука никогаш нема да има правда, изјави Мумин Исмаили, роднина.

-На денешното рочиште некој зборуваше за кабелот, друг за ПП апаратот, додека поминаа 4 години и тие се уште се бават со такви работи, вината е кај кабелот, кај ПП апаратите, но каде се луѓето. Нека остават се на една страна, каде се луѓето. Судиите во оваа земја треба да бидат построги но и тој поминува на страната на криминалот и корупцијата, тука нема ништо, по трети или четврти пат ќе не изгорат по 4 години, вели Ибин Емшиу, роднина.

-Очекуваме вистината да излезе на виделина. Ние кои бевме таму никогаш не видовме ПП апарати во текот на тие три недели додека бевме таму, бевме од првиот до последниот ден кога се случи пожарот. Ние немавме ништо и сакаме вистината да излезе на површина, рече Ќание Селмани, роднина.

Со првата пресуда двајцата директори на клиничката болница во Тетово беа осудени со 1.5 години затвор условна казна, а правниот субјект со 1 милион денари. Од обвинението беше ослободен лекарот кој беше одговорен за Ковид центарот, Бобан Вучевски.

На 8 септември 2021 година, во пожарот на Модуларната болница во Тетово починаа 14 пациенти и членови на нивните семејства кои беа во објектот за да се грижат за пациентите. Со години, семејствата бараат правда.