Да се искористи новиот момент во процесот на проширување, повикаа дел од европратениците кои се дел од Мешовитиот парламентарен комитет со Македонија. Ко-претседавачот Карло Рекслер ги повика властите во земјава, како што вели, да не губат време.
„Северна Македонија е сега во една ситуација кога се отвора можност и да ги искористи поинаквите геополитички околности кои едноставно го поставија прашањето за проширувањето погоре на дневниот ред.“, изјави Рекслер.

Во интервју за МРТ, известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Томас Вајц истакна дека билатералните прашања не треба да се дел од процесот на пристапување и најави дека ќе работи засилено со новите бугарски власти за да се најдат начини да почне преговарањето за членство.
„Ќе ни требаат јасни изјави од Европската Комисија, од Советот, а ќе ни треба и изјава од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања, кои треба да се решат во рамките на преговарачкиот процес, се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања на масата во однос на процесот на пристапување.“, истакна Вајц.
Неодамна властите во Софија истакнаа дека се подготвени за дијалог, но не и за предоговорање на постоечките услови од францускиот предлог. Од Кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев соопштија дека тој телефонски разговорал со претседателката Гордана Силјановска Давкова и двајцата го истакнале значењето на конструктивен дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, но не се открива дали зборувале и за евроинтеграцијата. Се очекува тие повторно да се сретнат во април во Софија.
