Вајц предупредува дека нема напредок во Македонија – „Не знам кој извештај го читате“, вели Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без уставни измени и реформи Македонија ризикува да заостане на патот кон Европската унија, предупреди Томас Вајц известувач за Македонија што ја даде во интервју за Еуроњуз Бугарија. Тој истакна дека покрај вклучувањето на Бугарите во Уставот, Владата мора да ги спроведе реформите.

„Вклучување на малцинстата, на дополнителни малцинства е неопходен чекор за да можат да се започнат преговорите. Тоа е услов без кое навистина преговорите не можат да продолжат. Покрај уставните измени потребни се и реформи. Во последната година не видовме никаков напредок. Не станува збор само за започнување преговори, туку и за реформската агенда и планот за раст. Доколку земјата не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да отидат за неа туку за соседните земји“, изјави Вајц.

Од СДСМ велат дека Вајц ги потврдил нивните критики дека власта на чело со Мицкоски нема напредок и не ги спроведува реформите за членство во Европската унија и со тоа свесно ја носи земјата во изолација.

„Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформи, особено во владеење на правото. И клучен и најголем проблем: корупција и нефункционално судство. Ризикот е губење европски пари, средствата од ЕУ ќе одат во други земји наместо во Македонија. СДСМ со месеци предупредува дека власта на Мицкоски свесно ја турка државата во изолација за да може без контрола да спроведува криминални тендери“, велат од СДСМ.

Но премиерот вели дека такво нешто не слушнал од Вајц, туку сосема спротивно извештаите за Македонија биле позитивни. Тој со критики и до СДСМ кои го обвинуваат дека ги кочи европските интеграции.

„Па, не знам јас кој извештај сте го читале од известувачот Вајц, напротив, јас тој извештај што го слушав е комплетен антипод од вашето прашање. Јас само ќе ве потсетам, мислам, дека на овој билборд стоеше 2018-та кога го менуваа името на насилен стоеше дека ќе имаме подобро образование и здравство. Мислам дека токму на овој билборд овде беше. Донесоа лчи кога го сменија името? Донесоа ли кога го сменија името?“, рече Мицкоски.

Вајц веќе неколку пати досега во своите извештаи за Македонија посочуваше дека е потребно спроведување на реформите на земјава, но имаше и забелешки на тоа што не е постигнат напредок во однос на донесувањето на уставните измени.