Вакцинацијата стартуваше и во нашата земја. Постарите лица, кои се пријавиле, се упатија кон пунктовите за вакцинација.
Оние кои ја примија вакцината, но и оние кои чекаа ред, испратија позитивни пораки.
Еден од нив вели дека целта ќе се постигне само ако се вакцинираат сите.
Министерот за здравство, Венко Филипче, го посети вакциналниот пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“. Тој рече дека никој од оние кои досега биле повикани за вакцинација, не одбил и дека сите се пријавиле на закажаниот термин и место. Ја искористи приликата уште еднаш да апелира дека нема простор за паника, туку само за внимание.
Министерот меѓу другото откри дека во земјава е регистриран и првиот случај на нус-појави од вакцината „Астра Зенека“. Станува збор за 28-годишна девојка која се вакцинирала во Србија, а реакцијата се јавила 6 дена откако ја примила вакцината.
Филипче рече дека во текот на денот ќе се сретна и со членовите на Комисијата за заразни болести, но, како што додава, нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.
