Вакцинирањето бесплатно и незадолжително, првите вакцини ќе стигнат најдоцна во март

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните нема да бидат присилени да ја примаат вакцината против Ковид 19, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Вакцината ќе биде бесплатна, а децата нема да бидат опфатени во оваа категорија на ваксини.

„Оваа вакцина нема да биде задолжителна. Но во исто време нема да се наплаќа. Така што секој кој ќе сака ако одговара може да се вакцинира“, вели Филипче.

Филипче најави дека на почетокот на 2021 година ќе почнат да се вакцинираат граѓаните а обезбедени се 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот.

„Како приоритет ќе се вакцинираат здравствените работници кои работат во Ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Работниците кои работат во делот на земање брисеви, граѓаните над 65 години, и пацинетите со хронични болести во делот на кардио-васкуларни и бело-дробни болести“, рече Филипче.

Покрај овој механизам, министерот Филипче изјави дека веќе се доставени барања за директни договори за вакцини од две светски компании Астра Зенека и Фајзер. По иницијалните нивни одговори се чека и дефинитивната потврда дека дополнителна количина ќе може да се набави директно од компаниите за уште 800 илјади дози.

Од друга страна претседателката на Комитетот за имунизација Александра Грозданова објасни дека правилото за примање вакцината против Ковид 19 е исто како за сите други вакцини. Потребно е пациентите да ја примат во општа добра здравствена состојба.
Александра Грозданова претседателката на Комитетот за имунизација

„Пациентите кои што прележале Ковид во зависност од состојбата во која што се наоѓаат и временскиот период, секако доколку сакаат можат да ја примат ваксината. Но имајќи во предвид дека ќе имаме приоритетна листа ќе треба на некаков начин да се приоритизираат токму тие категории“, вели Грозданова.

Инаку врз основа на резултатите од клиничките испитувања, после 21 ден од втората доза од вакцината против Ковид 19 би можело да се очекува покачување на титерот на заштитните антитела. Како и за секоја вакцина после примање на втората доза најмалку во тој период од еден месец би се очекувал заштитниот ефект на вакцината. Инаку овие вакцини потребно е да се чуваат во фрижидери на минус 70 степени и истите ќе стигнат на почетокот на јануари.