Иако е пандемија, па има препораки за избегнување на групирања, сепак со гушкање се поздравија претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Македонија Зоран Заев. На градничниот премин Табановце, над 10 службени возила, функционери и политичари го пречекаа тој еден пакет со вакцини.
„Ајде Зоки ќе се смрзнеме“,
Му порача Вучиќ на Заев пред официјалните обраќања.
Премиерот Заев примопредавањето на вакцините го оцени како чин на пријателство и прва помош од братскиот српски народ кон македонскиот.
„Многу е важно што првите вакцини во нашата земја стигнаа токму од братска и пријателска Србија и што ќе ги покријат сите здравствени работници – лекари, медицински сестри и сите што работа во ковид центрите ширум Република Северна Македонија“, истакна Зоран Заев.
Од најавените 8 илјади стигнаа 4.680 вакцини. Бидејќи во ампулите, шишенцата на Фајзер се пакуваат по 5 вакцини излегува дека целата пратка е составена од 936 шишенца. Целата пратка всушност беше спакувана во еден пакет на кој имаше ознаки за чување на содржината на пратката.
Од српска страна, дојде државна делегација предводена од српскиот претседател Вучиќ, а со комби на здравствениот завод Торлак од Белград беше пренесена до границата.
Претседателот на Србија Вучиќ му беше ладно па едвај чекаше да заврши говорот.
„Јас се смрзнав затоа ќе бидам краток. А гледам дека ни на вас не е топло. Среќен сум што успеавме ова да го направиме. Можевме и пред 10 дена, и сакам сите граѓани на Република Северна Македонија да знаат. Имавме проблем со добивање на дозвола за извос затоа што тоа се многу стриктни и строги процедури“, посочи Александар Вучиќ.
Министерството за здравство информира дека досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација против КОВИД-19. Од нив, околу 2000 здравствени работници се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. Со вакцинација ќе се почне во среда.
„Во текот на утрешниот ќе се заврши процедура во агеннцијата за лекови по што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар“, додава Венко Филипче.
Премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ по завршувањето на церемонијата за примопредавање на вакцините отидоа на ручек во Камник. Оваа информација на Инстаграм ја сподели Вучиќ, заблагодарувајќи се на гостопримството. Во текот на овој месец се очекува да пристигнат и 200 илјади вакцини од кинеска „Синофарм“.
