Инспекторатот на Град Скопје нема што повеќе да направи за да го реши проблемот со Вардариште. Инспекторите излегле на терен, затекнале луѓе кои палат отпад, но не можат да ги казнат во ситуација кога тие не поседуваат ниту лични карти. Бараат полицијата постојано да врши патроли, со цел да не дозволат фрлање отпад на местото кое формално фигурира како претоварна станица на ЈП „Комунална хигиена“.
„Сега треба полицијата да се ангажира. Потребно е да има постојано патроли, бидејќи ние ќе одиме, ќе извршиме инспекција, но не можеме да го надгледуваме местото цело време“, истакна Мирослав Богдановски.
Во непосредна близина на Вардариште оперираат три претпријатија кои управуваат со отпади и имаат дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека ги мониторираат, но дека не можат да ги санкционираат ако несоодветно ја вршат нивната дејност.
Шилегов вели за да се направи примарна заштита на просторот би биле потребни 25 милиони евра, за што бара помош од Владата.
Проблемот со Вардариште ги натера локалните жители да излезат на протест. Бараат дивата депонија целосно да се исчисти, а потоа и да се дислоцира. За реализација на нивните барања, побараа помош и од Армијата.
Вардариште со години служеше како депонија, но сега е претоварна станица каде што се носи отпад пред да биде пренесен во „Дрисла“. Претоварната станица е во надлежност на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
