Вархеји побара решавање на спорот со Бугарија – Заев: Нема да преговараме за идентитетот и јазикот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија мора да најде брзо решение за спорот со Бугарија. Ова го порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Форумот во Тирана.

„Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија“, истакна Оливер Вархеји.

За разлика од Македонија Вархеји ја пофали Албанија и изрази силна поддршка за отворањето на преговори со оваа земја.

„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите“, додаде Оливер Вархеји.

Од друга страна премиерот Заев порача дека ставот на Македонската Влада е јасен, а тоа е дека никогаш нема да преговара за идентитетот и јазикот. Сепак порача дека Европската унија мора да ги исполни ветувањата дадени кон земјите од Западен Балкан.

„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира и соработува со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, порача Зоран Заев.

Вархеји потсети дека целиот регион на Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но тогаш кога ќе ги исполнат реформите кои ги бара Европската Унија. Како што е познато, најнапред Франција спречи старт на преговорите со Северна Македонија, која бараше промена на методологијата за проширување на ЕУ. Неколку месеци подоцна блокада стигна и од Бугарија, со образложение дека Македонија не го почитувала договорот за добрососетство потпишан во 2017-та година.