Вархеји повика на смена на Устав, Мицкоски не знае дали ќе успееме, но ќе се бориме

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Веднаш штом ќе бидат исполнети условите ќе се отвори првиот преговарачки кластер со Скопје, истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на расправа во Европскиот парламент. Тој повика земјава брзо и одлучно да постапува по скрининг извештајот за првиот кластер – Фундаменти. Говорејќи за земјите-кандидатки, Вархеји истакна дека Европската Комисија ќе ја поддржи целта на Албанија да ги заврши преговорите во 2027 година, но говорејќи за Македонија тој ја повтори промената на Уставот.

„Северна Македонија продолжува да има висока амбиција да продолжи напред во пристапните преговори, но сега мора да ги усвои уставните измени за да напредува во пристапниот преговарачки процес“, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.

Коментирајќи го ставот на Вархеји, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека секојдневно се работи на изнаоѓање решение. Премиерот додаде дека пред сите европски и светски авторитети го аргументирал ставот и никој не кажал дека аргументите се погрешни. Сепак, тој не може да гарантира дека ќе успее да најде решение.

„Повторно ќе се бориме. Дали ќе успееме – не знам. Гледате што се случува кај нашиот источен сосед , три-четири пати не може да се избере претседател на Собрание. Не можам ни јас да гарантирам, бидејќи би било наивно и неодговорно да ние гарантираме, но можам да ви гарантирам дека се од себе ќе дадеме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Неодамна, наследничката на Оливер Вархеји, Марта Кос исто така потврди дека единствен услов за земјава да го отвори првиот преговарачки кластер се уставни измени – ништо повеќе, ништо помалку. Во меѓувреме, во Бугарија засега нема изгледи дека ќе се формира стабилна политичка Влада, со која би се разговарало за уставни измени со одложено дејство.